Што ви е со тоа кежуал?

Лабаво, без обврски

Приказната е позната – се допишувате, си уништувате и распоред на спиење и сè, па се договарате за дејт, имате хемија, тргнува и во еден момент на еден од вас (или на двајцата) ви текнува дека сакате тоа да биде само кежуал. А во себе, веќе замислувате идеална врска.

Но, време е да запрете со тоа што го правите – да лажете дека само сакате да се забавувате.

Поради некоја причина, позната само на оној кој лаже, а најверојатно страв од врзување и оној полошиот, стравот од одбивање, се држите на дистанца со она „само кежуал“, а во себе тивко си страдате знаејќи дека другата страна можеби и во доцните часови пишува пораки на некој друг и го договара со неа/него она што го договара и со вас.  А, „ТОЈ“ муабет и понатаму се избегнува и се остава настрана.

Зошто мора веднаш да престанете со оваа навика?

Прво, расчистете со себе. Ако навистина сте 100% сигурни дека барате само забава, тогаш вашето ексклузивно право над другиот не постои и со љубомората и паранојата треба да си расчистите сами со себе. Но, ако постои и најмал дел од вас што го сака тоа врзување, кажете го. Ако другата страна е на иста бранова должина, тогаш честитки, го добивате она што ви треба. Ако не, благодарам, следниот.

Второ, не се лажете себе и не го лажете другиот. Можете уште во текот на комуникацијата да бидете поотворени со она што го сакате, па ако се согласувате, одете на дејт. Ако не, не си губете време во обид некого да преобратите и предомислите бидејќи еве ви една вистина: нема да ви успее.

Трето, ако и покрај сè решите да отидете на тој дејт, не очекувајте чудо. Размислете двапати, па и петпати ако треба дали воопшто да се бакнете, а не пак да дозволите да завршите кај некого дома, а од следниот ден веќе никогаш да не чуете еден за друг.

Сето ова води до нешто што веќе го знаеме: Битна е комуникацијата. Комуницирајте, кажете ги своите очекувања, но имајте толеранција и разбирање за туѓите. На крајот на денот не е другата страна онаа која ја лажете, туку всушност, се лажете себе. Затоа и не смеете да се лутите кога некој ве третира кежуал, ако не сте кажале дека сакате нешто сосема друго.

Дајте му глас на она што го сакате, кажете го јасно. Вашата искреност и отвореност еден ден ќе ви се исплати, дури и ако тоа значи дека денеска ќе ја пропуштите таа личност која ви го окупира вниманието, а за која знаете дека не води никаде.

Озбилно, така е.

кежуаллабавољубов