Убавите страни на сингл лајф

Не е секој фан на брак и обврски или барем има периоди во животот кога не си баш за врска.  За поголемите обврски  одлучуваме во текот на животот, после една, две или икс врски или може и повеќе од тоа. Ако уште сте сингл, тоа не значи дека треба да барате по секоја цена партнер со кој ќе живеете заедно и ќе се земете на крај. Почекајте некој што вистински ве почитува и покрај кој се чувствувате среќни, до тогаш проценувајте, не е крај на свет ако некој ве разочара,  сите знаеме дека некогаш во живот сме вложиле и дале и таму кај што не требало. Тоа е лекција, следниот пат препознаваш знаци што ќе те предупредат да не се вложуваш кај тие луѓе.

Понекогаш луѓето подлегнуваат под притисокот на околината дека треба да се венчаат додека се помлади, да имаат деца, да дочекаат внуци, со неминовното набивање грижа на совест од типот „биолошки часовник отчукува“ или „нека се израдуваат твоите на внуче“. Тоа секогаш мора да е ваша и само ваша одлука, колку и луѓето да имаат некакви очекувања од вас никој не смее да се меша во вашата матка и вашето родителско остварување. Ако го сакате тоа и ако сте спремни супер, ако не сте, убаво е да бидете искрени пред себе дека не сте спремни па да почекате. Има луѓе кои никогаш не сакале да се остварат како родители, не е секој роден за тоа. Се е ок, секој со своите можности да се посвети на обврските. Има и такви кои не сакаат обврски, и замисли, и тоа е ок.

Ама да ви кажам нешто вака, меѓу нас – и сингл е топ и можете да уживате во тој статус и сè што доаѓа со него, како на пример:

Спонтаноста во одлуките

Кога сте сингл, можете да се потпрете на спонтаноста, да отидете на кафе сами, да се дружите со пријателите со кои ви се сака само вас, да тргнете сабајле на кафе, а веќе попладне да сте во Охрид на ручек без да имате 12 пропуштени повици за објаснување со кого сте и зошто сте во Охрид и зошто сами и што е проблемот…

Патувања

Исто и во овој случај не е потребно да попуштате или да се наоѓате на „пола пат“, бидејќи самите можете да одлучите дали ви се оди во Париз, Белград, Крива Паланка, Полихроно, кај ви душа сака. Искористете го сингл-периодот за да патувате со пријателите, макар и да е тоа до некој поблизок град или во друга држава. Може да одите на три дена и да останете десет и никому да не должите објаснување, да тргнете со другарка да продолжите со некој друг што сте го запознале по пат, отворени се сите опции, слободни сте и не повредувате никого.

Слободата на селењето

Не дека секој ден се селиме, но ако некако добиете идеја дека сакате да почнете нов живот во друг стан, куќа, град, држава, тогаш ќе можете да го направите тоа во секој момент кога ќе одлучите дека е вистинско време. Ако сте лабави со работа и можете да работите од дома можете да изнајмите стан во друг град и да видите малку како се живее таму и да запознаете нови луѓе и нов начин на живот.

Времето со семејството

Реално, во заедница ќе треба да го делите времето на своите и неговите роднини. Не секогаш ќе бидете расположени за што и да е од тоа. Некогаш ќе сакате да бидете со своите за празници, ама редот ќе биде за кај неговите. Компромисите може да доведат и до конфликти, а никој не сака да влегува во конфликти поради фамилија, верувајте.

Дејтање слободно

Иако знаеме дека одредени личности воопшто не се стегаат на ФБ и Инста да прикажуваат среќна врска, додека се максимално активни на Тиндер, сепак да признаеме дека е малку невкусно тоа, а и партнерот може да е повреден, а нема ништо полошо од тоа кога за сопствено задоволство не ти е гајле ако другиот пати. Гадно е ептен, сум била од повредената страна. Кога сте сингл, можете да се дејтате ден за ден со кој ќе ви биде убаво, па ако нешто бидне, ќе мислите тогаш на тоа. Но, додека го имате овој статус, ништо не ве спречува да си поминувате убаво.

Журки и спиење до доцна

Добро, сега ситуацијата е таква каква што е, но кога не би била пандемија, сигурно сингл времето би го поминувале во активности кои лично вие ги сакате, макар и тоа да значи да сте на журка до доцна во ноќта, а следниот ден да си полежите така докај 10. Добро 11… Добро де, еве 12 нека биде и нема потреба од објаснувања другиот ден кај беше, со кого…

Себеразгалување

Сакате штикли? Супер. Спа третманче после напорна работна недела? Нема проблем. Викенд некаде настрана? Може и тоа. Ги имате времето и слободата, а уште поважно, самите располагате со парите кои ги заработувате и имате полно право да уживате во сè што сакате. Ова би требало да важи и за во заедница ама обично не е така па има луѓе кои кога ќе си купат нешто го кријат кога го внесуваат дома, за партнерот да не им пререче..пример: пак штикли?

Комотно во кревет

Можете да се излежувате колку ви душа сака, до кога сакате и да спиете во која положба и да ви е убава, без да пазите да не клоцнете некого или да го почестите со лакт во ребра или бетер, вие да добиете некој таков удар среде ноќ. И летно време е жешко некој да спие до вас, да бидеме искрени

Слободата е прекрасна и врските се прекрасни, се си има убавина. Не значи дека ако си сам си осамен, ништо не е полошо ако си во врска за да не си сам, а се чувствуваш осамено додека седиш до другиот. Запамти, прво себе се сакаш, со себе ти е интересно и ти си твојот најдобар пријател, потоа даваме шанси на луѓето околу нас. Одбираме да останат само тие што не прават среќни, другите да не ги задржуваме, ги пуштаме да си најдат нешто друго. Тие што не прават несреќни исто ги испраќаме да си најдат друга жртва што подалеку од нас ако може. Ти заслужуваш убав и среќен живот, што и да одлужиш гледај да го одбереш тоа што те прави среќен човек, небитно другите што мислат за твојата одлука. Твоја одлука, твој живот, твое време. Уживањето пушти го на најјако.

сакај се себе