Технологијата зад привлечноста

За дејтање зборувам пак

Секој кој барем еднаш се логирал на апликација за дејтање сигурно се запрашал како сето тоа функционира и како по одредено време користење сугестиите се по ваш вкус.

Цела среќа сме 2020 и ваквите апликации и сајтови веќе не се табу-тема (барем така ми се чини, може и грешка сум), што и не е воопшто лошо. Тиндер и нив сличните тврдат дека сите основни податоци кои ги бараат за да се креира профил се строго заштитени, ама сепак по некое време ги собира вашите шеми на однесување и ви креира „понуда“ според вашите потреби.

Вака додека вртиме по тие апликации ни изгледа како да се многу едноставни, но зад нив стојат огромни датабази, машинска интелигенција, технологија, сложени алгоритми за емоционално профилирање врз основа на најразлични критериуми, со цел да ги натераат корисниците што поактивно да се вклучат во потрагата по партнер.

Безбедноста исто така е приоритет во креирањето на овие апликации, затоа што знаеме дека зад тие профили може да се кријат најразлични сексуални предатори, насилници, педофили, измаминици… Профил на дејтинг апликација не е само убаво избрани слики кои привлекуваат внимание кај лицата од ваш интерест. Пак ќе кажам, тоа се еден тон сложени алгоритми на компатибилност, кои ги земаат предвид сите можни параметри, од типот на локација, фреквентност на спојување, ваш физички изглед, физички изглед на омилените контакти и стотици други нешта на кои не ни помислувате.

Премиум корисниците добиваат уште подобра услуга, но реално, не на секого му се плаќа за да може да оди на дејт. Едно време ни се чинеше како очајно да имаш профил на ваква апликација, а оние кои купуваат премиум профил беа врвот на очајот. Поентата е само корисникот да не се „уфилма“ дека е прејак само поради тоа што има многу контакти на овие апликации.

И кога следен пат ќе се вклучите на нешто вакво и кога ќе ви успее некој дејт, не се вадете на судбина и на „од пишано не се бега“. Едноставно, технологијата денес е направена да ви го дава на тацна она што го барате, па на вас е само да го препознаете. Сепак, чувајте се, бидејќи не се малку оние кои го злоупотребуваат постоењето на дејтинг апликациите за цели кои можат некого да повредат или оштетат.

онлајн дејтање