„Скинкер“ не е само лице

Сакајте си го и телото

Во текот на најјакото со карантинот многу од нас научивме како да се грижиме за кожата на лицето. Како што учевме уште на часовите по биологија, таа е најголемиот орган во нашето тело, кој има заштитна улога.

Откако ги поминавме лекциите за АХА, БХА, хијалуронска киселина, ретинол, пептиди, серуми, есенции и маски, крајно време е да обрнеме внимание и на кожата од вратот надолу.

Како да го направиме тоа?

Редовно четкање

Со четкање на кожата на телото ја подобруваме лимфната дренажа и крвотокот, но и правиме пилинг, а со тоа и отстранување на насобраните мртви клетки и груби делови од неа. Секако и тука важи внимателното кружно движење, дел по дел, без притискање, со мека четка која нема да направи механички оштетувања.

Паметно туширање

Многупати е докажано дека туширањето е подобро од „киснењето“ во када. Тука и нема некоја голема филозофија, односно треба да обрнете внимание на квалитетот на козметиката која ја користите и таа да одговара на вашиот тип на кожа. Ако забележите несакани реакции, набавете друг производ, пред да предизвикате сериозна иритација.

Нега преку храна

Исхраната е важна и тоа ќе го прочитате секаде, па еве го повторувам и јас. Внесувајте квалитетна храна, а за да ја заштитите кожата, потребни ви се продукти богати со цинк, бидејќи е важен антиоксиданс кој истовремено ја штити и од УВ-зрачењата. Внесувајте многу свежи намирници, јатки и семиња, а избегнувајте процесирана храна.

Внимателни и во ПМС

Одолејте на потребата да јадете неконтролирано, за да не ги влошите акните и иритациите на кожата која и онака во ПМС станува почувствителна. Друго што можете да направите е да користите поквалитетни влошки и тампони, но и долна облека изработена од памук и природни материјали, бидејќи синтетиката може да ја иритира кожата во интимниот дел.

Контролирајте го стресот

Стресот го покачува хормонот познат како кортизол, кој преку остатокот од ендокринолошкиот систем може да предизвика појава на акни, зголемено лачење на масла, но и дехидрирање на кожата. Затоа, додека се туширате, наместо само да се избањате со гелот, посветете некоја минута и на масажа на телото.

лиценегаскинкерстрестело