До почетокот на 2020 можевме да се пофалиме дека имаме пријатели од секаде – од работа, од средно, од факултет, од пилатес, од теретана, од групи на Фејсбук и така натаму.
Но, одеднаш како сето ова да мораше да добие нова форма, нов тек, нов начин на функционирање, откако на сила стапија мерки за маски, дистанца и забрани за групирање. Година-дена подоцна, кога секој од нас ќе погледне наназад, ќе сфати дека многу од овие пријателства станаа поограничени, некои веќе не постојат, а други пак, станаа поцврсти и поуверливи. Но, генерален заклучок е дека многу луѓе ќе завршат со значајно помал број пријатели околку што ја почнаа пандемијата.
Во прв момент сите ни недостигаа, сакавме да одиме на ручек, на кафе, да се повозиме, но како што поминуваше времето и таквите скоро па спонтани настани станаа поформални отколку што треба, дојдовме до момент каде дел од нашите пријатели беа параноични и сè им беше ризик, други не почитуваа ниедна мерка, трети ве уверуваа дека сте будали што почитувате, а имаше и такви кои дури и ве уценуваа и ви се потсмеваа што не сакавте да се изложите на ризик.
Тоа беше вистински момент да сфатите дека некои граници треба да ги редефинирате, да ги засилите, па дури и да побарате виза ако некој сака да ги надмине. Знам дека оваа пандемија извади од нас многу лоши работи, фрустрација, страв и паника, недоверба, но од друга страна нè натера да седнеме, да дишеме длабоко и малку пообјективно да ги погледнеме нештата околу нас. На крај, оваа пандемија нè научи да сфатиме колку се кршливи пријателствата, дури и оние кои сте мислеле дека никогаш нема да се разнишаат.
Многу од нив сакаа да ви докажат дека нив им е потешко отколку вас, никогаш не ве прашаа како сте, ниту пак се заинтересираа дали сте биле изложени на ризик и како сте го поднесле тоа.
Ако имате впечаток дека кругот на пријатели ви се намалил изминатава година, тогаш дефинитивно сте во право. И тоа е за честитање. Храброста да си признаете себе е за поздрав. Начинот на кој прифативте дека некои пријателства не се тоа што сте мислеле дека се, исто така е нешто што заслужува почит. И сосема е очекувано што со новите пријателства сте повнимателни, иако ви е полесно да се потпрете на некој со кој сте се нашле во иста мака периодов, наместо со оние со кои со години сте граделе некој однос.
И на крај, најбитно е дали сте успеале да се ослободите од оние кои ве гледале само како контејнер во кој можат да ги истресат своите фрустрации и вишок емоции и да си заминат. Тие се тие кои сте мислеле дека ви се пријатели, а најпрви ги „проваливте“ која им е целта и позадината уште кога започнаа првите рестрикции од пандемијата.