Озборувањето е здраво за нас

Само во правилна доза

Колку и да сме свесни дека не е убаво да се озборува и дека сигурно и некој некаде нешто зборува за нас, едноставно не можеме да одолееме на онаа возбуда кога споделуваме нешто пикантно во круг на пријатели.

Лошата вест е дека некој се чувствува така кога зборува за вас, но добра вест е дека кога озборувањата се умерени, всушност се и здрави за нас. Мислев дека не е можно такво нешто, но ете, било и до некаде ми олеснува.

Во што е финтата?

Кога зборувате за нечии позитивни или негативни страни, некаде потсвесно во вас почнува да работи едно чувство на будење, посветеност на себе, самоевалуација и почнувате да носите заклучоци дека не сакате да бидете како личноста која ја озборувате или пак, дека сакате да прифатите дел од нејзиниот карактер. Озборувањето е на некој начин критика кон нечие однесување и позадината може да биде различна – од злоба, до желба да бидеме слични на таа личност.

Секако, сите тие зборови имаат тежина и лесно може да излезат од кругот каде биле кажани. Затоа и викаат дека дури и да озборуваме, треба тоа да го правиме умерено, со стил, повеќе да слушаме, помалку да додаваме масло на оган…

Друг интересен факт е всушност, популарното верување дека жени не знаеле да чуваат тајни. Но, од тоа што сум го видела, другарка може да издржи со денови да премолчи нешто, додека другар ќе се истресе веднаш, без да биде свесен дека озборува. А сите тие трачеви се дел од нашиот природен начин на живеење.

Единствено што можете е да пазите со кого озборувате и да дозирате колку учествувате. Како што го правите тоа со лековите. Правилно дозирано трачарење има бенефити, бидејќи ве релаксира, но и поттикнува да гледате критички кон своите постапки. Се што преминува во зависност од озборување, не е разумно и може да има последици (кои ви се битни или не, неважно).

Но, големи се шансите навистина откако ќе „истресете“ нешто, малку да се свртите кон себе и да донесете заклучок дали нешто треба да промените кај себе. И секако, самоконтрола, за да не излезе озборувањето неколкупати „надувано“ и вие да бидете некако виновни за тоа.

озборување