Како функционираат нештата?

Плачење, чешање, сонување, плацебо...

Ние луѓето сме интересни феномени за посматрање, ако има кој да нè посматра. Правиме толку чудни нешта на кои сме тотално навикнати и никогаш не сме се запрашале што всушност се случува во позадина.

На пример:

  1. Плачење

Бебињата плачат затоа што не знаат како поинаку да бараат храна, внимание, топлина… Тагата е нормално чувство, но што со солзите? Се верува, но не е докажано дека манифестираме тага со плачење поради тоа што сакаме да алармираме кај присутните дека ни е потребна емпатија. Сепак, еволуциската позадина на солзите уште е мистерија.

  1. Смеење

Како спротивно на плачењето, смеењето исто така е социјална алатка, која покажува дека со некого сме во ред, дека ни годи присуството, дека тоа што го кажува е забавно. Но, како овој рефлекс се развил во текот на еволуцијата? Уште не се знае.

  1. Плацебо ефект

Милион пати е докажано дека во пракса, плацебо постои и стварно влијае како реален лек. Постојат илјадници примери во кои на луѓе им биле давани плацебо-лекови и тие се чувствувале веднаш подобро. Дали сме толку подложни на сугестија или нешто навистина се случува во нашиот мозок кога ќе испиеме такво апче и понатаму е предмет на истражување.

  1. Чешање

Во кој момент од историјата човекот сфатил дека ако го касне инсект и ако го чеша, може тоа да го направи со сопствените нокти. Она што мене уште повеќе ме интересира е зошто штом еднаш се зачешаме, не престануваме додека не отвориме крвава рана на местото?

  1. Сонување

И околу соновите има различни претпоставки и толкувања. Јасно е зошто спиеме, на телото му треба мир за да ја обнови енергијата. Но, за што ни користи сонувањето. Една од теориите е дека се тренираме за подобро справување со реални ситуации.

  1. Птиците преселници

Зошто некои птици се селат на југ (ластовичките), а некои остануваат тука (гугутките и врапчињата)? Една од претпоставките е дека на вториве не им треба толку храна, друга е дека знаат како да зачуваат енергија за да преживеат зима, трета е дека не можат да прелетаат толкави растојанија.

  1. Обична настинка

Постојат мал милион терапии за тешки болести, но кога ни се случува сезонска настинка комбинираме парацетамоли, чаеви, супи и витамини и се молиме нешто да помогне. Не се лечи со антибиотик, нема вакцина, нема универзална терапија, а и цела среќа што не е опасно по живот. Што ја предизвикува? Промаја, боси нозе по паркет, мокра коса надвор, бирајте…

плацебоплачењесмеењесонување