На секој, ама баш на секој му се има случено помалку или повеќе токсична врска и траума поради тоа, ама некои ја имаат таа „среќа“ да нагазуваат на такви луѓе цело време.
Затоа и е скроз нормално што се скептични и што не веруваат на никој, дури ни на тој што им доаѓа со најотворени и најискрени намери. Токсичните врски се товар, посебно што на најголем дел им требале месеци, па и години додека да се освестат што им се случува. За тоа време губеле пријатели, контакти, се затворале во врската, евентуално со пријателите на партнерот се дружеле само, а после раскинувањето ко изгубени муви без глави. Колку помлади ја направите таа грешка, толку подобро за вас. За тие што и понатаму се заглавуваат во вакви односи, берете памет, што да се каже повеќе.
Ризикот постои, ама кога ќе погледнете во минатото сигурно можете да си ги препознаете грешките и да научите нешто од нив, па после и да го примените тоа во новата врска. Секогаш постои шанса и да развиете непотребна параноја па да отидете во скроз друга крајност и да изгубите личност која вреди да ја имате.
Основата на здравата врска се довербата и искреноста, бидејќи штом имате потреба да криете нешто од партнерот или се сомневате и забележувате дека крие нешто од вас, тука светнува првиот црвен аларм. Комуникацијата е битна и ќе биде битна засекогаш, а битен е и пристапот на решавање на проблемите. Штом некој избегнува да ги решава, светка вториот црвен аларм.
Велат спротивностите се привлекувале, но замислете да треба целиот живот да го изградите врз контрасти. Не иде. Затоа важни се и заедничките и сличните вредности, почнувајќи од ставот за тоа каква треба да биде врската, дали сакате деца, дали нејќете, дали ви е битен професионален напредок, каде би живееле, како би живееле, кои ви се плановите за натаму…
Емпатијата исто така е важна вредност која треба да се негува во врска и секако, има поголемо значење отколку што мислиме. Замислете да имате партнер кој не ви дава поддршка, на кој му е сеедно кога вас ви е лошо и што ви вели дека вашите проблеми си се ваши, без ни барем да ве слушне што имате да кажете. Точно, уште едно црвено знаменце. Не знаменце, тревога!
Физичката интимност да не ја заборавиме. Ако ве притиска за секс, а мислите дека е прерано за тоа, не се нафаќајте, колку и да ви се допаѓа личноста и да сте привидно среќни.
Има ли спас за токсичните врски? Не дека нема, ама е тежок. Ако имате време и нерви, повелете. Ако сте решиле да ја спасувате, прво, пред што и да е друго, послушајте ја интуицијата и претчувството, бидејќи тие во вакви случаи функционираат подобро од разумот. Не им дозволувајте на емоциите да надвладеат, бидејќи тие секако ќе се смират по некое време. Направете некоја промена кај себе и видете дали тоа ќе го мотивира другиот да се смени.
Ако ништо од тоа не се случи, продолжете понатаму, не сте на овој свет за да трошите време чекајќи на некој да му текне да им даде на значење на вашите чувства. Само пазете да не заглавите во вртлогот на себелажење и создавање илузија дека подобро е вака отколку ништо. Затоа што не е.