Жолт фустан е новото модерно

Неодоливата едноставност на жолтите фустани

Пред да настапи пролетта и короната, на една од последните модни недели кои ја најавуваа колекцијата пролет-лето, често можевме да видиме комбинации кои ја вклучуваа жолтата боја.

Без разлика дали се работи за интензивна жолта, окер, лимон, цитрон, шербет, маргарин, дреч, овие нијанси лесно можат да се вклопат со неутралните бои, за да постигнете модерен изглед во текот на ова лето. Многумина ја избегнуваат жолтата боја бидејќи мислат дека е преинтензивна, нападна и дека тешко се комбинира со други бои.

Но, жолтите фустани во лето се навистина супер избор, најмногу поради тоа што и самото годишно време е жолто, светло и топло, а оваа боја ја рефлектира светлината и не ни прави дополнително жешко.

Ако се загледате на Инстаграм и Пинтерест, како и во летните колекции на познатите брендови, самите ќе забележите дека жолтите фустани се прилично застапени, во повеќе модели и најразлични модни комбинации.

Аверзијата кон оваа боја во минатото била доста разбирлива, бидејќи потсетувала на болест. Жолтиот тен на кожата често бил поврзуван со најразлични здравствени нарушувања, а често била поврзувана и со страдања, етикетирања на најразлични основи и тоа останало од средниот век. Други велат била симбол на љубомора.

Сепак, сега е модерно време и не треба да се повикуваме на застарени верувања, поради кои не би ја носеле оваа убава боја.

жолта бојалетомодафустани