Викате ли кога се расправате?

И мислите ли дека е ефективно?

Секој си има свој стил на расправање со другите. Некои луѓе го прават тоа тивко, некои повишуваат тон, а некои се губат во гласното викање.

Исто така, некои луѓе се помалку конфликтни и на тие им завидувам многу, како успеваат да останат смирени кога некој им е качен на глава. Ама во исто време и по малку се плашам од нив, бидејќи тоа трпение е или тренирано или е затишје пред огромна бура.
Во одредени ситуации, покачувањето на тонот има ефект, покажува одредена доза на авторитет и сериозност, но од друга страна, оние кои губат контрола кога урлаат излегува дека се немоќни да се справат со она што се случува. А сите сме губеле контрола кога веќе сме се чувствувале немоќни да излеземе со некој проблем на крај. Впрочем, во природата на човекот е да носи во себе цел спектар на емоции, но уметност е да се контролираат.
Некои караници може да поминат со смирен тон, но некои можат да нè извадат од такт и да ни го уништат она малку достоинство што останало.
Но, кога викаме неконтролирано:

Се потценуваме себе и нашиот авторитет

Затоа и некои луѓе губат контрола над своето однесување и емоциите. Ако прашате некој отстрана, сигурно повеќе симпатии ќе покаже кон оној кој строго и смирено ги објаснува нештата, наместо кон оној кој неконтролирано го повишува гласот и прави останатите да се чувствуваат непријатно. Но, иако сакаме да се контролираме, некогаш викањето е посилно од нас. На тој начин, се обидуваме да докажеме дека имаме авторитет, иако можеби и не бил доведен во прашање.

Викањето е неефективно

Освен ако сте решиле да ги вежбате белите дробови и гласните жици. Но, во сите други случаи може да направи да изгледате смешно. Колку повеќе викате, толку повеќе ги оддалечувате луѓето од себе. Дури и да сте шеф, менаџер, газда, директор, викањето навистина ве прави кловнови, наместо авторитети, особено ако не сте во право и само ја користите повисоката позиција за да покажете дека сте главни.

Расправиите со поента се нешто друго

Кога имате расправија со партнерот, со пријател, со родители, брат или сестра или со некој кој го чувствувате за близок, емоциите често владеат со разумот. Тоа е разбирливо и до некаде е оправдано, бидејќи на тој начин ги ослободувате тие чувства и се чувствувате постабилно.
Но, ако ги карате своите колеги или вработени, ако сте највозрасна личност во семејството и глумите главни или ако на каков и да е начин водите монолог со „дерење“, жал ми е, но вие сте тие кои губат во ваква ситуација.
Па, сега видете самите.

#СакајСеСебе