Сите што палите контејнери да имате комшика под вас што пржи кромид на тераса!

Трите тинејџерки и жената што спасила 2500 Евреи

70 години молк

Канзас, 2000та година, три тинејџерки имаат за домашна да прават проект за Денот на историјата. Лиз, Меган и Сабрина си бараат тема, од некого имале слушнато за некоја жена што спасувала деца во Полска и решиле да раскажат нешто околу тоа на приредбата. Истражувајќи, наоѓаат дека жената е жива, има 90 години и живее во Варшава многу скромен живот. Децата решаваат да направат претстава која ќе се вика „Живот во тегла“, ставаат тегла за собирање донации за Ирена и ги контактираат еврејските заедници да најдат луѓе кои се сеќаваат на Ирена. Децата кои ги спасувала биле малечки, таа одела по куќи и ги убедувала родителите да ѝ ги дадат децата да ги спаси, но сепак, некои се сеќавале на неа. Лиза, Меган и Сабрина отишле да ја посетат Ирена во Варшава неколку пати во следните неколку години. Но, не отишле само тие, претставата дигнала голема прашина, ја гледале и новинари и писатели и веќе имало голем интерес за Ирена, бидејќи до тогаш светот знаел само за Шиндлер кој спасил околу 1100 Евреи. И така, после 70 години, дознава светот за Ирена. Доаѓаат и ѝ прават интервјуа, ја прашуваат зошто ќутеше толку години?

Не го правев тоа за благодарност или слава, го правев бидејќи морав да помогнам. Татко ми ме учеше дека на луѓето мора да им се помага, дури и некој ако се дави, а јас не знам да пливам, морам да пробам да помогнам – Ирена Сендлер, 2004та година

Ирена Сендлер, Варшава, 1930 година

Ирена Сендлер  била храбра жена од Полска, родена на 15 февруари 1910 година, активна во времето на Втората светска војна. Таа е најпозната по своите подвизи во спасувањето на еврејски деца од холокаустот. Ирена била со кревко здравје во детството, па татко ѝ, доктор, одлучил да се иселат од Варшава во Отрок. Таму отворил приватна оррдинација и лечел многу сиромашни семејства од тифус. Ирена го поминала целото детство со еврејските семејства кои живееле во Отрок и другарствата ги негувала и за време на школувањето. Подоцна, заради седењето со Евреи за време на ручек во универзитетската менза ќе биде многу малтретирана и вреѓана од група колеги.

Сендлер работела како социјален работник во Варшавското гето, кое било местото каде евреите беа затворени од нацистичките окупатори. Оттаму, таа започнала да спасува еврејски деца од сигурна смрт, организирајќи операција за скришно одвојување од семејствата и нивно пренесување од гетото. За да ги спаси децата, Сендлер и нејзините соработници користеле различни тајни пролази и ходици за да ги изведат надвор од гетото и потоа им обезбедуваа лажни документи и идентитети. Така, овие деца добивале нов идентитет и шанса за преживување во изолација.

Некои од спасените дечиња, 1943 година

Но, нејзините храбри акции биле откриени од страна на Гестапо во октомври 1943 година. Била сместена во затвор и подложена на тешки методи на мачење, но не ги открила идентитетите на децата кои ги спасила. Гестапо знаеле дека постои тефтерче во кое таа води евиденција за сите имиња, меѓутоа не го нашле. Инаку, до неа стигнале така што еден од луѓето каде се криеле деца, сопственик на перална, ја издал. Во мај 1944 година, Сендлер била ослободена од страна на подземниот покрет и продолжила да се бори против нацистичката окупација. По војната, нејзината храброст и човечност останале скриени од јавноста сè до 2000та година, кога три тинејџерки најслучајно ја откриле нејзината историја на приредба во училиште.

Лиза, Меган, Сабрина и Ирена во Варшава

Се претпоставува дека Ирена Сендлер успеала да спаси околу 2,500 еврејски деца, што ја прави една од најголемите херои на холокаустот. За нејзините неверојатни дела, Ирена Сендлер била номинирана за Нобелова награда за мир, но за жал, не успеала да ја добие пред својата смрт на 12 мај 2008 година. Но, нејзината легенда и наследство живеат и се сеќаваме на нејзините подвизи како пример на човечност, храброст и спасување на невини животи во време на најмрачни моменти.

Ирена Сендлер, 2008 година, 8 дена пред смртта