Ако го сакаш пушти го да оди, ако се врати глеј да не си дома!

Планирањето не е толку здраво

Иако личи на забавна активност

На сите ни се случило – правиме планови и во прв момент сме возбудени, но веќе следниот ден би сакале да можеме веднаш да се откажеме од сето тоа. Кај многу луѓе, планирањето всушност предизвикува толкава анксиозност, што ги гуши и не им дозволува да бидат раат со денови. И тоа трае се додека да одлучат да го прекинат тој круг на планови и анксиозност.

Без разлика дали се работи за план за славење роденден, Нова година, за купување нешто големо, нова работа, патување, одмор, сите сме биле таму – кога се наближува денот, едноставно сакаме ако може, воопшто да не се случи. Дури има и некои истражувања според кои планирањето и возбудата околу тоа предизвикуваат силна ментална стимулација. Исто е и со шопингот. Возбудата трае додека да го платите производот и да го однесете дома, а потоа следува некакво каење, некакво незадоволство, не можам ни јас да го објаснам, но ете, се случува.
Има ли причини зошто е така? На некој начин да.

Се сеќаваме на она што се случувало порано

На лошите настани во животот никој не е отпорен. Но, некогаш токму возбудата од планирањето, можеби била уништена од нечие однесување или од некаква трагедија, па мозокот ве предупредува дека такво нешто може да се повтори. Иако шансите се мали, сепак целиот фокус е на навраќањето на таквите нешта. На пример, кога некоја забава била уништена од некого или кога одморот се претворил во катастрофа, без разлика дали била ваша вина или не. Можам да ви речам како контраудар да се потсетувате на позитивните искуства, но знам дека не оди така лесно колку што е лесно да се каже…

Ја трошиме енергијата замислувајќи што би се случило

Интересно е да имаме план, основа, намера, но некогаш толку многу енергија вложуваме во нив, што дури и ја трошиме и кога ќе дојде ред за реализација, едноставно, со прст не ни се мрда. И со ова не можеме да си помогнеме, бидејќи еве на пример, за одмор, замислувате во кој ресторан ќе јадете, ја пребарувате локацијата, па дури и замислувате како нарачувате конкретна пијачка и кога ќе дојде ред да се реализира тоа, или не ви се оди или пак, не си поминете толку убаво колку што фантазиравте.

Реалноста е поинаква од нашите очекувања

Тоа е шлаканицата која секојдневно ја добиваме од животот. Можеби замислуваме како би се обратиле некому на работа или што ќе разговараме на дејт, но во пракса, има и друга вклучена страна која нештата ги замислува малку поинаку од вас. А секоја шанса нештата да не одат како што сте замислиле, создава анксиозност. Исто така, секоја свесна личност точно знае дека нештата во секој случај нема да бидат такви, па субјективното чувство дека губиме целосна контрола врз она што ни се случува, нè прави уште понесигурни.

Чувствувате потреба да ги реализирате сите планови

Всушност, тоа е само вршење притисок врз себе, нешто што не треба да си го правите. Но, теоретски сите знаеме да зборуваме што треба, а што не, но во пракса оди потешко. Ако тежнеете кон перфекционизам, тогаш јасно е зошто сте анксиозни кога нештата нема да одат по планот кој постои само во вашата глава. Сепак, има една интересна појава, што ако вие сте личноста која дала предлог или организирала некаков настан, чувствувате должност и одговорност за забавата на другите. Како што и самите гледате, и тоа е дополнителен притисок.
Но, наместо да губите нерви поради тоа, научете се да практикувате прифаќање на реалноста. Во нашата природа е да планираме и фантазираме, но кога ќе се соочиме со реалноста, можеме само да си речеме дека не можеше ништо подобро од тоа, па да ги прифатиме нештата какви што се и да уживаме (ако можеме) во тоа што се случува.