Токсичноста иако често се однесува на однесувањето на едни лица кон други, се случува и да си ја правиме самите, со тоа што судиме, се замараме со она што не е наш проблем, не преземаме конкретни чекори да ни биде подобро и се фаќаме себе дека ликуваме кога некој ќе згреши.
Луѓе сме, нормално е да го сакаме најдоброто за себе и за оние кои ни значат и да ни оди на нерви кога некој кој не заслужил добива повеќе кредити за нешто, за што не ни мрднал со прст. Слично е и кога не ни оди нешто во живот и иако не е од клучно значење, нè нервира што на некои други им оди, на пример врска, диета, слободно време и така натаму.
И кога ќе помислиме дека некој друг нè труе и прави да се чувствуваме лошо, можеби најпрво треба да подразмислиме да не случајно самите си го правиме тоа. Ова се неколку случаи од кои сигурно сте доживеале барем еден:
- Се чувствувате лошо кога некого ќе одбиете
И сте ко, „Може требаше да излезам“, „Којзнае што имаше да ми каже“, „А зошто воопшто одбив“, проследено со некоја неоправдана грижа на совест и притоа сте свесни дека ич не ви се излегуваше. Ако до толку се мачите, обидете се да исконтактирате пак и да договорите друго време, но реално, баш и не морате ако не ви е до тоа.
- Имате чувство на вина кога сте сами
Сите околу вас се дејтаат, во врска се или во брак, но вас ви е убаво сами. Сепак, скроз е нормално да не сакате никаква романтична интеракција баш сега, иако околу вас „фрштат“ коментари од типот „Ајде време ти е“, „Што чекаш“, „Светле и баба стана“…
- Постојано се дејтате и влегувате од врска во врска
Во ова нема ништо здраво и е целосно спротивно на точка 2, бидејќи јасна е потребата да бидете со некого, но никогаш по која и да е цена. Поради тоа, воопшто не е добро за себе постојано да сте на дејт или веднаш штом ќе раскинете, да барате некој друг за да се впуштите во нова врска.
- Се обидувате да им се допаднете на сите
Сигурно познавате барем една личност која со сите е нападно фина и сте забележале како ги адаптира своите желби и интереси само за да биде прифатена и да им се допадне на сите. Ако и самите го правите тоа, лошата вест е дека си правите себе лошо, но добра е што можете да го запрете тоа точно сега.
- Кога сте во врска, заборавате на сите
Убаво е во првите моменти кога сакате да сте постојано со новиот партнер, но врската не значи дека треба да заборавите на сите кои претходно ви го исполнуваа животот и ви го правеа значаен. Не треба да се плашите од тоа дека партнерот ќе ве остави, бидејќи кога ќе сфатите што сте направиле, самите ќе бегате.
- Останувате во лоша врска во име на доброто минато
Си велите дека е добро да простите, дека ќе се смени, дека ќе тргне работава, верувате дека треба да се потрудите да ги средите нештата, наместо да заминете, а ако раскинете се смирувате со оправдување „Можеби ова ми е единствена шанса за врска“. Но, врската треба да биде здрава, пријатна, да се чувствувате сакано, а не да ве труе на секој можен начин.
Затоа, сменете си го „мајндсетот“ бидејќи сум кажала повеќе од милион пати дека треба да сте си самите приоритет и дека никој не заслужува токсични врски и пријателства, а уште помалку самите да сте токсични кон себе.