Кога доаѓаат ладните месеци, често многу се соочуваме со килце-две, а некои и повеќе плус, што нè загрижува, иако секоја година се повторува.
Ова секако не значи дека ако не пазиме на храна и активност во остатокот од годината, нема да дојде до исто. Но, некако кога е ладно е поизразено, а си има и причина за тоа, колку и да нè нервира.
Пред сè, позадината на овој „феномен“ е биолошка, односно телото само создава резерви на масти за да можеме полесно да се справиме со температурните разлики. Исто, потењето е намалено и не се ослободуваме на ист начин од течностите како во лето, кога испаруваме од секоја пора. Ова доаѓа природно и колку и да намалувате со храна, телото едноставно, самото ќе си се прилагоди на надворешните услови. На нас е само да не се „давиме“ во храна, колку и да чувствуваме нагонска потреба за тоа.
Во просек, во зима внесуваме околу 200 калории повеќе дневно (некој повеќе, некој помалку), а помалку се движиме бидејќи со самото тоа што порано се стемнува, телото ни лачи мелатонин, кој пак нè успива. Баш поради ова и сме попасивни. Сè си е поврзано и си има причина зошто.
Во однос на свежата храна, во овие месеци има помалку овошја и зеленчуци, а и тие што ги има се со повисока калориска вредност, од причина што таков е природниот цилкус. А и реално, факт е дека тешко можеме да одлееме на вкусните специјалитети кои се достапни периодов.
Тоа би било тоа, а на вас е да се обидете да се контролирате од стресно јадење, да поминувате колку што се може повеќе време на дневна светлина и да не потпаднете под искушенијата (ммм руска) исто како лани.