Замисли идеш на одмор у Дубаи у најскапиот хотел и кодот на ви-фито ти е طرف شيء

Древна измодереност – Египет

И како жените се негувале

За римското време сме слушале дека хигиената баш и не им била силна страна, но тоа не е случај за древен Египет. Според историските податоци, чистотата и убавината биле многу ценети во тоа време.

Носеле многу накит, тоа сме го виделе на илустрациите и фотографиите од нивните гробници. Секое парче накит имало значење за нив, а верувале дека ги чува од лоши и зли сили и духови. Облеката најчесто била изработена од ленено платно, кое потоа со различни начини на врзување и преклопување, но и со разнобојни појаси, се претворало во ремек-дело. Дури и оние жени од работничката класа имале слична облека, но без луксузните додатоци. Оние кои можеле да си дозволат, го боеле платното или пак, нарачувале на него да се насликаат традиционални шари и мотиви.

Накитот бил симбол на социјален статус. Колку побогат со детали и скапоцености, толку повисок социјален ранг. Жените кои сметале дека се убави, се кителе себе со уште повеќе накит бидејќи мислеле дека на тој начин уште повеќе ја истакнуваат убавината. На египетскиот накит има злато, смарагди, аметист, кристали и сите биле обработувани за да изгледаат посјајно.

Косата секогаш ја бојадисувале со кана, поради нејзините дезинфекциски својства. Дури и оние кои носеле перики, секогаш се грижеле тие да се апсолутно чисти. А шминката? Оние линии извлечени со туш за очи, комбинирани со интензивна сенка, се инспирирани токму од египетскиот мејкап стил. Во древен Египет „ајлајнер“ ставале дури и мажите. Сепак, многу од овие шминки биле изработени од токсични материи, за кои не ни биле свесни во тоа време, на пример зелената сенка за очи, која ја правеле од малахит, кој е оксидиран бакар и може да биде отровен. За сјајна кожа користеле најразлични масла, кои ги мешале со парфеми. Парфимирана им била дури и главата, а некогаш нанесувале неколку капки мирисливо масло, кое се топело под жештината од сонцето.

Што со обувките? Иако изработувале квалитетни кожени сандали, луѓето во древен Египет избирале да бидат боси, за да се избегне потењето на стапалата.

Оваа измодереност е инспирација за модни колекции и во денешно време. Мотивите, моделите, накитот, може да се најдат и во колекциите на многу познати дизајнери, а особено запаметена е ревијата на Шанел од 2018, инспирирана токму од древен Египет.