По повод светскиот ден на штедењето, те молам поштеди ме од твоите глупости

Научив да си простувам себе

Ние луѓето често си практикуваме минатото да нè дефинира како личности и да ни влијае врз тоа како ја креираме иднината. Иако стопати сме рекле дека минатото треба да остане зад нас, сигурно и самите некогаш сте си нанеле себе неправда бидејќи не можете да си простите некоја грешка.

Голем број сме научиле од сопственото искуство дека не смееме да продолжиме на тој начин. Колку повеќе се држиме до тие грешки и пропусти, толку повеќе се ограничуваме во секој можен поглед и си ја саботираме иднината.

Многупати ми се чини дека полесно е да простам на кој и да е (а знаеме дека не простувам лесно), отколку сама на себе поради одредени нешта. Но, со тек на време научив дека себеобвинувањето тежи и ме ограничува. Полека учам, но мислам дека кога еден ден ќе успеам да се ослободам од сето она што ме држи во минатото, конечно ќе ја почувствувам вистинската слобода на животот.

Инаку, ги применувам овие правила:

Жалење без дополнителни емоции

Една од грешките кои ги правев беше претераното емотивно соживување со она за кое сум зажалила што сум го направила. Тоа ме ограничуваше, многу. Со тек на време научив да ги раздвојам тие нешта едно од друго. Колку побрзо се ослободуваш од емоциите, толку полесно го надминуваш чувството на вина.

Оддалечување од минатото

Лесно е да се држиме за некоја случка од пред децении и поради таа да се ограничуваме во сопствената слобода. Но, денот кога сфатив дека минатото е нераскинлив дел од мене и поради него сум тоа што сум сега, беше и многу полесно да ги оставам сите тие настани зад мене и да ги користам само важните лекции кои ги научив, за да можам да ја живеам сегашноста и планирам иднината.

Работам цело време на сама себе

Секој ден растеме и секое искуство е плус за нас. Можеме да мислиме само дека сме го достигнале врвот некогаш и уште да се „крстиме“ на стара слава дека некогаш сме биле најјаки. Но, останувањето најјак е постојана работа со себе, со грижата за своите потреби, поставување граници и позитивната перспектива кои сами си ја креираме.

Препознавање што можело да биде различно

Откако нешто ќе се случи, ми дошле уште 100 други идеи за истото, што би можеле да бидат уште подобри. Сепак, не се трескам од земја, туку се обидувам да запаметам како сум можела да постапам. Животот е чудна игра и некогаш може да ни даде поправен испит ставајќи нè во истата ситуација, со шанса овојпат подобро да ја изиграме, или пак во слична, за да можеме да ја утврдиме научената лекција.

Признавање на грешката

Најтешко е пред сама себе да си признаам кога сум направила грешка, иако сфатив дека тоа е наједноставниот начин да си простам. Би ве советувала да престанете да ги влечете тие грешки од вреќата на минатото, да сфатите дека сте луѓе и дека е нормално да се греши и дека ако досега не сте згрешиле, веројатно сте навикнати да уживате во комфорната зона и не сакате да мрднете ни чекор надвор.

Не проаѓајте низ ова сами

Пријател, брат, сестра, партнер, родители, кој и да чувствувате близок, ќе ви помогне да ја надминете фазата на себеобвинување и простување. Тие се тука да ве потсетат и на онаа страна од вашиот карактер за која вреди да се изборите со чувството на вина.

Преслушајте се каде бевте, а каде сте сега

Секоја акција која ќе ви помогне да го надминете чувството на вина е исправна. Некои сметаат дека треба да се соочат со личноста на која ѝ згрешиле, макар и по порака. Други пак, не ни помислуваат на тоа, за да не си создаваат дополнителен притисок. Сепак, со нашата решителност да ги надминеме тие грешки, ние стануваме подобри личности. Ако споредите со минатото, ќе видите дека денеска сте на доста подобро место. Сигурно треба уште да работите на себе, но сепак е подобро отколку да сте уверени дека сè што правите е исправно и нема потреба да вложувате во својот развој, без оглед колкаво искуство имате зад себе.