Никогаш немој да мислиш дека си ок со жена која ја имаш заебано

Тригери за мигрени

За мигрените веќе имаме зборувано и заклучивме дека „Од стрес ти е“ не е секогаш причината, исто како што не е достудено на врат, седење на промаја, одење боси по ладни плочки, ниту пак нервирање без причина.

Вистина е дека стресот има над 70% удел во причинителите на овој ужас од болка и делумна онеспособеност за што и да е друго, освен лежење во темница. Сепак, во остатокот од тригерите има уште толку многу нешта што некои не би ги ни поврзале со мигрени, а навистина може да бидат полесно контролирани од нервозите.

Некои луѓе, на пример, почувствуваа потешки форми на мигрена во периодот кога работеа од дома и помалку се движеа. Значи, еден од тригерите може да биде промената на секојдневните навики, будење порано или подоцна од вообичаено, останување дома наместо возење до работа… Телото забележува дека нешто е различно и се активираат хормонални промени, што резултира со посилни или почести мигрени (кај оние кои се склони кон нив).

Додека сме тука, да не ги заборавиме и хормоните сами по себе, дури и кога причината за дисбаланс е со медицинска природа и позадина. Тука може да се спомнат и полицистичните јајници и проблемите со тироидната жлезда, како најчести дијагнози поврзани со лачењето на хормоните.

Дехидрирањето или прескокнувањето оброк можат да бидат силни причинители. Во лето мораме да пиеме повеќе вода отколку во поладните месеци, бидејќи ја трошиме и преку потењето. Прескокнувањето оброк можеби и не ви изгледа како голем проблем, но воопшто не е наивно, особено ако вообичаено си имате ред во тоа.

Времето! Ах, метеопати. Промените во воздушниот притисок, влажноста на воздухот, сега сонце после дожд истура и такви некои нагли промени буквално предизвикуваат преинтензивна мигрена, па и уште низок притисок и постојана снеможеност за каква и да е активност.

Проблемите со спиењето може да бидат поврзани со сè што веќе спомнав погоре. Нарушената спијачка рутина можеби ден до два нема да направи некоја значајна промена, ама третиот веќе ќе бидете практично неспособни за што и да е, што натаму ќе доведе до пасивност, намалена концентрација и секако, мигрена. Некогаш во овој случај ќе помогне да отспиете добро.

Кога земате лекови за некоја нарушена здравствена состојба, а досега не сте ги пиеле, можете да очекувате некоја ваква нуспојава. Ако трае предолго, побарајте да ви го сменат лекот.

И секако, да не го заборавиме предолгото гледање во екран. Прво, неприродната светлина ни ги дразни рецепторите во окото, а потоа и ги напрегаме мускулите околу очите и челото за да се сконцентрираме на екранот без во видокруг да ни влегува околината. Ова напрегање на мускулите на лицето, ако трае со часови, создава тензија во целата глава, па откако ќе решиме да затвориме лаптоп и да го ставиме мобилниот настрана, наместо одмарање на очите, ете ја мигрената.

Предизвикувачи на мигрените може да бидат и некои видови храна, на пример цитрусите, белото брашно, варените јајца, кромид и лук, алкохол, одредени млечни производи, особено зрели и стари сирења, премногу сол, кафе во преголеми количини, вештачки адитиви и бои и зголемен внес на јатки.

На вас е да препознаете што точно ги предизвикува и да се обидете на менаџирате на тој начин што ќе ги избегнувате или намалите тригерите.