Ништо не ти отвара апетит повеќе од зборот диета

Хипохондрици, обединете се

Хипохондријата е поврзана со анксиозноста која се појавува при одреден настан, како што периодов е пандемијата на коронавирусот и е голем и сериозен проблем, иако често самите се шегуваме на таа тема.

На оние кои страдаат баш и не им е до шега и смеење, бидејќи ако не се реагира, може да премине во ментално нарушување. Фактори кои влијаат врз неа има еден куп, но најчесто се поврзува со минати искуства со сериозни заболувања или кога постои генетска предиспозиција за одредена болест. Во последно време скоро секој од нас при накашлување или кивање сигурно помислил: „Ете, корона“, што воопшто не помага, туку напротив, ја истакнува состојбата на стрес на телото и ја зголемува анксиозноста.

Како што веќе знаеме, стресот може значајно да го наруши физичкото здравје и да влијае врз имунитетот, а со тоа да нè направи помалку отпорни на болести и на некој начин да ни ја оправда хипохондријата.

Луѓето кои страдаат често се во паника и параноични и чувствуваат симптоми на нервна база. Како последица на тоа често отсуствуваат од работа и се уверени дека се разболеле, до степен што и ги чувствуваат симптомите на тоа заболување од кое најмногу се плашат.

Во даден момент почнуваме да претеруваме со дезинфекциски средства, манијакално миење раце, избегнување луѓе, такси, јавен превоз, потоа ни го отежнува дишењето (поради паниката), се препотуваме, почнуваме да бараме начин како да бидеме блиску до амбуланта (за секој случај), но се плашиме од можните пациенти кои би биле таму во моментот кога ќе пристигнеме.

Хипохондријата може да наштети на семејните и интимните односи. Се бара начин да се оправда избегнувањето на комуникација и физички односи. На пример, постојат жени кои избегнуваат секс со партнерот бидејќи се плашат од полови болести, а дури и кога го имаат, не можат целосно да уживаат.

Ако забележите дека ви се случува нешто такво, не треба да го игнорирате, особено кога почнува да ви пречи во исполнувањето на дневните работни обврски и нормалното функционирање.