Се додека не измислат други бои за мене црно-бела комбинација е кралица на елеганција

Најужас песни за на свадба

Така кажале диџеите

Според повеќе онлајн анкети наменети за диџеи, издвоени се неколку песни кои тие мразат да ги пуштаат по свадби. А како што и сами знаеме, во последнава деценија диџеј на свадба е хит момент, особено кога секој има желба за песна и им се става со „Диџеј а може ли…?“

Некогаш тие си имаат нивна програма, некогаш се адаптираат на желбите на домаќините, па примаат порачки од гостите, се прави фешта голема, сите денсаат во транс, а тие… Тие кутрите, се принудени да пуштаат песни од кои им е преку глава.

Не знаеме дали испитаниците биле дел од свадби каде после орото иде журката, ама од песните што тие ги мразат се „Macarena“, па „YMCA“ како врв на ретрото, па „Happy“ на Фарел од поновите (добро, таа на сите ни е преку глава), па тука иде „Dancing Queen“ од ABBA, неизоставната „Celebration“ (затоа што си на прослава, очигледно) и „Single Ladies“, што невестата ја нарачува за деверушите кои ќе се тепаат за бидермаерот.

Верувале или не, некои ја барале и „Gangnam Style“, други „Baby Got Back“, трети „Uptown Funk“, па дури и „Bohemian Rhapsody“. А тие некои ги имало во голем број. На листите, меѓу другите, се нашле и „My Heart Will Go On“ (таа од Титаник де) и „Total Eclipse of The Heart“ од Бони Тајлер. Од друга страна, голем дел од испитаните потврдиле дека и самите парови забранувале голем дел од овие песни, со што им ја олесниле работата.

Секој кој барем двапати бил на свадба кај нас, сигурно забележал дека има песни што се задолжителни, ама ЗАДОЛЖИТЕЛНИ во журка-делот, кога кутриот диџеј исполнува однапред зададена агенда, а гарант од пола му се лоши. „Моји су другови“ со вовчето сигурно е една од тие. А можеме и да ги прашаме, па сами да ни кажат?