Јас сум од оние што прва се јавува и после прва не се јавува

Што сè треба да се дезинфицира?

И како да се направи тоа

Месец-дена секој ден миеме раце цело време и дезинфицираме површини со кои често сме во допир. Целата ситуација е сериозна, но мора да признаеме дека многу од нас станавме параноици до степен и по неколкупати на ден дезинфицираме славини, прекинувачи за светло, кваки…

Една од најчестите паники е дали треба да ги дезинфицираме пакувањата од купените продукти и како да го направиме тоа, а веднаш по неа доаѓа и што да се прави со свежите продукти кои не ги лупиме пред да ги јадеме.

Но, да погледнеме малку постабилно на ситуацијата. Маркетите периодов дезинфицираат (или барем така тврдат, наше е да веруваме дека почитуваат инструкции), па можеби и нема потреба панично да пребришуваме сè што сме купиле пред да го ставиме во фрижидер. Сепак, ова не значи дека е невозможно вирусот да се задржал на некоја површина. Штом ви е мисла, откако ќе пребришете со дезинфекциско марамче, кесата во која ги донесовте производите фрлете ја веднаш, а ако користите платнена торба исперете ја. Потоа измијте раце темелно.

За овошјето и зеленчукот важат стандардните препораки за внимателно и темелно миење пред јадење, па дури и нивно оставање во вода час до два. Оние кои можат да се лупат излупете ги пред да ги јадете. Другите мијте ги како и вообичаено и нека не ви паѓа на памет за нив да користите спреј за дезинфекција или алкохол. Никако.

Паниката и паранојата се сосема разбирливи, но не дозволувајте да им робувате. Бидете одговорни самите за себе и за своите најблиски, почитувајте препораки и на тој начин ризикот за зараза го намалувате на минимум.

За останатите површини веќе си знаете и самите како се одржуваат чисти и дезинфицирани. Користете сертифицирани средства од познат производител, на тој начин ќе избегнете несакани оштетувања на работните површини, но и на вашата кожа на рацете.