На сите што на прашањето “Зошто не ми кажа?” одговараат со “не ме праша” да им се доделат по три овци и кај Итар Пејо!!!

Фокусирај се на себе

И извади максимум

Вниманието ни шета од еден во друг правец и некогаш е тешко да го задржиме фокусот на вистински важните нешта. Некогаш и е тешко да одредиме кои се тие вистински важни нешта и приоритети, ама погодете што? Тука сум јас да ви подобјаснам како се прави тоа.

Фокусирајте се на својата сила

Тука не мислам на билдање мускули, туку на издржливоста и способноста да се снаоѓате сами, без постојано да треба да барате помош од некого за што и да е.

Фокусирајте се на менталното здравје

Тоа е подеднакво битно како и физичкото. Менталната хигиена е клучна во вашето напредување како личност. Ако забележувате дека нешто не е како што треба со вашата ментална состојба, коректно би било да побарате помош.

Фокусирајте се на справувањето со стресот

Помалку стрес значи и полесно справување со животот. Знам дека е полесно да се рече отколку да се примени, но сепак имаме доволно време да ги научиме основните вештини во надминувањето на стресот, со што покрај менталното, ќе го заштитиме и физичкото здравје.

Фокусирајте се на напредок

Учење нови нешта, стекнување нови искуства, нови пријатели, истражување на места на кои не сте биле досега, сето ова има позитивно влијание врз вашето градење како личност. Напредокот не се однесува само на професионалниот дел, туку и на тоа каков пријател сте, каков партнер, каков колега и соработник…

Фокусирајте се на вадење на најдоброто од себе

Не секогаш ќе имате желба, сила и можност да бидете најдобрата верзија од себе, но кога би се фокусирале на тоа, исходот ќе биде многу подобар и полесен за вас. Тоа значи дека се трудите колку што е потребно, без да давате повеќе отколку што сте моќни и да се трошите себе залудно.

Фокусирајте се на светлата страна

Но, никогаш не заборавајте да ги земете предвид и можните негативни последици од своите постапки. Сепак, ако ги посветите вашето време и внимание кон подобрување на својот живот, без да наштетите на никој друг, тоа значи дека сте фокусирани на светлата страна на нештата.

Фокусирајте се на целите

Само кога знаете која е вашата цел, ќе знаете и како да си го расчистите патот до неа и да успеете да го добиете она за кое се залагате.

Фокусирајте се на овој сегашен момент

Минатото помина, а сегашниот момент е тој што ви помага да ја креирате иднината онака како што сте ја замислиле. Затоа, дадете сега сè од себе, а тоа еден ден ќе ви се исплати и тоа многу.

Фокусирајте се на својот живот

Бидејќи од мешање во туѓи животи никој арно не видел. Прашајте ги тие што пробале да ми се мешаат мене, најубаво ќе ви кажат.