Ми вика пиел апчиња за смирување…џабе ги пиеш, нема да ти се смирам!

Секстање со некој што не го знаеш

Ако баш мораш...

Секстањето, без оглед на тоа што има провокативна, перверзна и еротска позадина, знаеме дека треба да се случува со согласност од двајцата кои учествуваат во комуникацијата и дека несаканите пораки, а уште полошо непобараните фотографии (знаете какви) се едно огромно „не“.

Пандемијата, реално, промени многу нешта и гледишта во однос на врските на далечина, но и за оние кои започнуваат на Интернет и се претвораат во виртуелна навика. Секако, тоа носи и нови искуства, на пример моментот кога доаѓа до секстање, а всушност само имате разменето селфи, евентуално сте се виделе на видео-повик, притоа не се познавате во животот. Во ред ли е тоа?

Од една страна си велите „зошто да не“, но од друга страна, таа личност ниту ја познавате, ниту знаете какви се намерите, а големи се шансите да имате само уште едно онлајн залетување во некого, кое ќе замре по недела-дена. Сепак, разменувањето секси пораки е далеку побезбедно од испраќање разголени фотки на некој што не го знаете.

Ќе повторам нешто што го кажувам многупати и ми е еден од најомилените зборови во модерното дејтање – согласност. Без согласност, ништо. За секоја акција во врската, било да е реална или виртуелна, мора да ја има таа фамозна согласност од двете засегнати страни и никој не може и не смее да те принуди да сексташ, доколку ти не се чувствуваш дека сакаш или можеш да го правиш тоа.

Од друга страна, ако се чувствуваш удобно да разменуваш пораки од тој тип, дај до знаење дека тие содржини се наменети само за примателот и дека под тие услови, се согласуваш да секстате. Секако, 100% сигурност и доверба нема, па тука „ускокнува“ интуицијата. Согласноста за секстање ниту тебе ниту на другиот дава неограничена слобода да зборувате, се обраќање и испраќате што ќе ви текне, па оттука доаѓа и поставувањето граници. Ако тие граници не се усогласени, не губете време, бидејќи секако ќе дојде до навалување и обиди за принудување да направите нешто што не ви е удобно.

Надминување на непријатноста

Секстањето, во принцип, е разменување пораки со кои се опишува што би си правеле еден со друг да сте сега во една спална соба (или кое и да е место од вашата фантазија), без цензура, со вклучување на по некоја илустрација како замислувате, па дури и гиф, за поавтентично да ја доловите атмосферата.

Можете да се потрудите да бидете што посликовити, но и да препознаете ако на другиот почнува да му станува непријатно, или пак ако почне да претерува. Имате слобода да кажете што и да ви лежи на душа, но и да предупредите ако другиот почнува да се однесува невкусно.

Дали да се испраќаат провокативни фотки?

Ова веќе бара премногу доверба, премногу сигурност во другиот, а некој кој го знаете само преку Интернет и не е баш најидеалната личност со која би размениле ваква содржина.

Сепак, ако, повторувам ако сакаш, можеш да импровизираш со подискретни слики на кои не ти се гледа лицето, ниту пак тетоважи или белези кои ги имаш. Во вакви случаи ги намалуваш шансите дури и да бидат испратени до некого без твое знаење, да не бидеш препознаена.

Овој ризик постои и слатките зборови не се гаранција дека нема да се случи. Твое е да ја процениш ситуацијата, да размислиш со ладна глава, па дури и да одбиеш доколку сметаш дека не треба да ги споделиш таквите фотографии од себе. Сè во границите на твоите лични сфаќања и заштитата на самата себе од евентуална злоупотреба.

Постојат ли безбедни апликации за секстинг?

Низ последниве години видовме како протекуваат голи фотки и еротски пораки на многу популарни личности. Гарантирано безбедна апликација нема, можеш да ја избереш онаа која мислиш дека најдобро би функционирала. На пример, Снепчет дава известување доколку некој направи принтскрин од разговорот или фотографијата. Од друга страна, компанијата може да пристапи до кои и да е податоци, па ако доживеат хакерски напад, тогаш тие податоци може да протечат.

Ако користиш Ајфон, тие фотки може автоматски да се прикачат на виртуелна меморија, па дури и да ги избришеш од телефонот, да останат таму. Има апликации како Кик или Телеграм кои можеш да ги користиш само со корисничко име, без дополнителни лични податоци. Сигнал важи за многу безбедна во поглед на енкрипција и сè што ќе испратиш останува меѓу тебе и примателот (освен ако не сподели тој/таа понатаму). На Инстаграм ќе добиеш известување доколку некој направи принтскрин од фотографијата.

Сепак, не го сфаќајте ова како одобрување да испраќате фотки на оние кои не ги знаете. Колку безбедна апликација и да користите, на таа личност не можете целосно да ѝ верувате. На вас е да ја држите комуникацијата што поповршна и побезбедна за вас, а доколку за возврат добивате уцени и притисок, само запомнете дека многу е полесно да се разделите од некој кој не го познавате во живо. Со блокирање.