Да се заљубам па да ми ветува розева иднина и да ми иде по ќеиф како политичар пред избори

Себесакањето е повеќе од обична грижа за себе

Никој не е поважен од тебе

Сум кажала многупати, па ќе повторам пак – сакај се себе, ама прави го тоа како што треба. Често го мешаме концептот на грижа за себе со сакање на самите себе, но тоа се два различни поима кои мора да ги разграничиме.

Секако, често се доведуваме во заблуда дека се сакаме себе и се грижиме за себе кога ќе си речеме „разгали се, си го заслужила ова“, па ќе си купиме нешто скапо, ќе порачаме ручек наместо сами да зготвиме и ќе се напиеме поквалитетно вино од вообичаено.

Грижа за себе е кога си даваме време за одмор, ќе ставиме маска на лице, ќе си направиме педикир, ќе се намачкаме со омиленото млеко за тело и за тоа време ќе изгледаме епизода од омилената серија. Сето тоа е прекрасно и грижата е дел од љубовта која мораме да си ја дадеме.

Но, што во основа е сакањето на самата себе?

Прво, тоа е љубезност и разбирање. Кога си под стрес, треба да се повлечеш и стабилизираш, а не да навлегуваш уште подлабоко. Ако некое друштво не ти одговара, едноставно не мора да се дружиш. Истото важи и за поединци. Исто, ако некој од роднините ти прави само неубаво, те исполнува со негативна енергија и едвај чека да ти бидне лошо за да си ја наполни душичката, тргни се подалеку. Па, што ако сте крв? Зарем е нормално да ти ја пијат енергијата и да ги почитуваш само поради роднинска врска? Долго пријателство што преминало во отров? Не ти треба тоа, воопшто! Солидно платена работа, но мизерни и жалосни услови, мобинг и токсичност? Треба ли да кажам?

Себесакањето е станување после пад, продолжување понатаму, избирање на себе пред сите други и опкружување со луѓе кои те исполнуваат со љубов и задоволство. Себесакањето исто така е и справување успешно со ситуации кои ти предизвикуваат стрес, анксиозност, страв и тага. Кога ги имаш овие чувства почни со разгалувањето, а потоа и со грижата. Иако се различни од љубовта, тие се неизбежни чекори кон успешно и искрено себесакање.