Сигурно веќе многупати прочитавте да не купувате панично новогодишни украси, храна, облека која нема ни да ја носите, само за да се справите со стресот и анксиозноста кои може да се појават во овој период. Но, јас би ви рекла да не се спречувате, доколку тоа ви помага.
Секако, стои тоа дека мора да бидете разумни во трошењето и во производите што ги избирате. На пример, одберете си нешто што ќе направи да се чувствувате удобно. Можеби тоа е некој чај, парфем, комотна облека, ќебе за на кауч, вино, зачини, колачи, што и да прави да се чувствувате релаксирано во овој период.
Од една страна, до минатата година го „јадевме“ стресот од обврски, да се видиш со сите што не си стигнал, да завршиш работи што тебе те чекаат, да се испијат оние кафиња кои се одложувале, бидејќи не сакаш да си ги носиш во Новата година, да го ревидираш едно 200 пати списокот со новогодишни резолуции и да видиш што понатаму. Оваа година, со пандемијата, ситуацијата е доста поинаква, но тоа не значи дека не е стресно.
Па така, кога ќе излезете со желба да ја испразните картичката на непотребни нешта, јас би ви советувала да ги обновите козметичките производи кои и вообичаено ги користите, да испробате нов гел за туширање, пилинг за тело или едноставно, направете мешавина на зачини како цимет, каранфилче и кора од портокал и додадете ја во вашиот чај или топло млеко.
Можете да си купите и удобна перница, на која ќе се потпрете додека ги гледате празничните програми на телевизија или ја следите омилената серија. А, што велите за еден топол шал, кој можете да го носите и по дома? Испрскајте го со омилениот парфем или пак, купете си спреј за во соба со убав мирис, за да се релаксирате дополнително.
На крајот од денот, пред спиење, можете да се избањате во топла бања и да употребите од оние гелови и пенливи купки со релаксирачки мириси и да си легнете целосно ослободени од напнатоста. Посветете уште 10 минути за грижа за кожата на лицето и телото и веќе сте си обезбедиле импровизиран спа-третман во домашни услови.
Возможно е, дури и без да се „испукате“ низ продавници, а потоа да имате грижа на совест зошто сте го направиле тоа.