Единица за брзо распоредување – кога другарка ти ќе пише у групна на Вибер дека дечко и е во Дебар маало со друга!

Олабави ги бесот и лутината

Или барем стави ги под контрола

Бесот и лутината се сосема нормални реакции кога за нешто сме се труделе, но не излегло како што сме сакале, кога се чувствуваме изневерено, предадено, кога вложуваме, но не добиваме ништо назад за возврат. Бес по бес, лутење по лутење и некогаш влегуваме во маѓепсан круг кога мислиме дека со еден излив можеме да добиеме сè што ќе посакаме.

Со тек на време, тој круг се продлабочува и почнуваме да реагираме само на тој начин, губејќи контрола врз сите аспекти од нашиот живот. Пријателите почнуваат да бегаат, семејството се дистанцира, врската едвај се држи, а едноставно, излезот не можеме никаде да го видиме. За среќа, голем дел од нас го надминуваме проблемот со самоконтрола, вежби, посветеност, но има луѓе кои тешко можат да ги надминат овие појави.

Прво, потребна е контрола над емоциите и тоа може да биде многу многу комплицирано и предизвикувачки, бидејќи најтешко е кога ќе сфатиш дека проблемот е кај тебе и треба да почнеш да го решаваш тргнувајќи од себе.

Значи, почнете вака:

Препознајте што го предизвикува бесот

Неговиот корен често е комплексна мрежа од емоции, настани, сплет на околности кои не се моментално поволни за вас, но тоа не значи и дека не се надминливи. Во принцип, изливите на бес често ги имате за да не се соочите со некоја подлабока и потешка емоција предизвикана од реален проблем, па си барате утеха дека е нешто минливо. Не е, соочете се со тоа со кое треба да се соочите, а потоа решавајте ги проблемите еден по еден.

Не дозволувајте емоцијата да експлодира

Емоциите се нормален дел од нашите животи и најлошо што можеме да направиме е да ги игнорираме. Некогаш, до овие изливи доаѓа затоа што навреме не сме се соочиле со проблемот или она што народски го велат, фали капка да ја прелее чашата. Не дозволувајте да капне таа капка. Не се полнете со таа негативност, бидејќи покрај лутината, може да си го нарушите и здравјето.

Забележете ги промените во своето однесување

Колку долго во вас постојат тие негативни чувства? Правите ли нешто за да ги надминете? Свесни сте за нив или ги игнорирате? Постои ли некој „тригер“ кој го буди бесот во вас? Дали е тоа личност, храна, пијалак, околност? Со забележување на промените и предизвикувачите на тие промени, многу полесно ќе дојдете до коренот на бесот, а тоа пак ќе помогне да се соочите и да го решите проблемот пред да ескалира во емоционален испад кој не е добар ни за вас, ни за оние околу вас.

Препознајте што чувствувате

За да се поштедите себе од непотребна драма, препознајте што чувствувате и наречете ги тие емоции со вистинското име. Не се срамете да признаете дека во вас тлее завист, љубомора, пониженост, но и среќа, еуфорија и така натаму. Колку подобро ги разбирате емоциите, толку помала е вашата ранливост.

Дефинирајте ги своите потреби

Зошто тие емоции се појавиле и ви предизвикуваат такви реакции? Сигурно постои некоја потреба која не ви е задоволена, или пак некое незадоволство од себе поради своја или туѓа постапка. Препознавањето на причините, но и на личните потреби е клучно во надминувањето на тие бесни испади. Сите имаме потреби и кога не се задоволени се појавува таа фрустрација. Справувањето со бесот почнува од нас, во моментот кога ќе престанеме да ги обвинуваме другите за тоа што нас не ни е добро и ќе препознаеме што ни е потребно за да можеме да продолжиме без тие негативности во животот.

Звучи лесно да се каже, применувањето искрено, не е најлесното нешто на светот, но ако се потрудите, ќе си олесните премногу за во иднина. Тргнете од себе, секогаш почнете оттаму, за да ви биде полесно да се соочувате со другите луѓе кои ќе ви се појават низ животот и со последиците кои ќе ги остават.