Може не фарбам јајца ама за алишта сум махер!

Нема втора шанса за прв впечаток

Пречесто, па ако не и секогаш, првиот впечаток што го имаме за некого е во голем процент вистински, а како го запознаваме, така му дозволуваме да гради некоја слика за себе пред нас, која често и не е онаа реалната, односно се разликува од тој прв впечаток.

Во природата на луѓето е некому да судат според тоа како изгледа, како се движи, како му мрдаат очи и сите останати неконтролирани движења и мимики. Кога некого запознаваме, најпрво добиваме груба слика дека се работи на пример за фина личност, која убаво се изразува, има јасен говор на тело и така натаму. Но, колку повеќе време сме со таа личност, доаѓаме и до подлабоките слоеви на карактерот, како што се реакции на нешто убаво или на не толку убаво, лојалноста, професионалноста, како и оние мрачни моменти кои се трудат да ги контролираат и прикријат, бидејќи се така малку специфични.

Сепак, првиот впечаток е оној кој одредува дали понатаму ќе ја пуштиме таа личност во нашиот живот, секако и колку ќе ја пуштиме и дали би изградиле пријателство или би биле само познаници кои меѓусебно се почитуваат. Опцијата да сакаме да заборавиме дека таа личност постои не е исклучена.

Накратко, неколку нешта ги стекнуваме со првиот впечаток и во најголем дел од времето се покажале како точни, а тоа се:

  1. Довербата

Многу студии покажале дека за точно минута до две од почетокот на разговорот, ние веќе знаеме дали на некого може да му се верува или не. Веројатноста дека ова ќе се смени ако подобро ја запознаете личноста е доста мала, бидејќи тој инстинкт ретко нè лаже. Прашање е само дали ќе му веруваме или ќе се убедуваме себе дека не е убаво да судиме на незапознаено.

  1. Интелектуално ниво

Не за џабе се рекло дека на некој можеш да му го измериш паметот само што ќе зине. Сепак, во овој случај треба да се земат предвид и други фактори, како што се возраста на лицето, средината во која растело и се очовечило, животното искуство или неискуство, но и интелектуалното ниво на оние околу него. Ако дадете шанса, ќе можете да видите дали од таа личност може да бидне нешто повеќе или пак ќе си остане таму кај што е.

  1. Дали сте доминантни

Не мора да сте експерт за да процените дали некој има доминантна природа, дали е интровертен, дали е несигурен што глуми јак или па во друга крајност, превртлива личност која се крие зад наивност и несигурност. Некако некаде во нас постои тоа шесто сетило кое често со голема точност ни го дава овој податок за личноста која седи наспроти нас. Многу е лесно да забележите дали некој е навистина самоуверен и сигурен во себе, но и дали глуми таква сигурност за да си ја скрие ниската самодоверба.

  1. Успешност

И ова е уште еден феномен на речиси 100% точна проценка. Колку пати сте се разминале со некого и сте знаеле дека тоа лице е успешно, посветено, барано и ценето, без притоа да имате точна информација ниту за ситуираност ниту за работно место. Оваа констатација не зависи ниту од облеката, ниту од накитот, ниту од високо натапираната и исфенирана коса, туку едноставно, гледате и знаете и ако некогаш дојдете до некој податок за таа личност, излегува дека сте биле во право.

Од ова би можеле да заклучиме дека секој од нас има повеќе или помалку изразено сетило, благодарение на кое врз основа на изглед, држење, стил и други фактори ни дозволува да донесеме точни заклучоци. Од друга страна ни покажува и дека не сме отпорни на судење кон другите, она што всушност, на културен начин го нарекуваме прв впечаток.