Очекувањето е мајка на разочарувањето!

И откажувањето е победа понекогаш

И не е тешко

Секој од нас, баш секој, најмалку еднаш во животот морал да се откаже од нешто што го сака и да се одвикне од навиката, дали било тоа љубов, пријател, предмет, што и да е, а имало емотивна и сентиментална вредност.

Сите ние се менуваме секој ден, само што ситните промени не сме навикнати да ги перцепираме. Одлуката да оставиш нешто не е лесна, потоа со денови и недели го носиш нејзиниот товар, се предомислуваш, наоѓаш извинувања да се вратиш, потоа и оправдувања зошто нема да се случи тоа и тогаш еден ден сфаќаш – веќе го имаш надминато тоа и си продолжил да живееш.

Лошо е што нема некое универзално упатство, некоја магија со која би го прескокнале овој период. Но, нека биде тоа сознанието дека кога ќе помине, ќе бидете ослободени, а болката ќе биде само сеќавање. Никој од нас не е должен да биде заглавен во вртлог на давање шанси и преголемо вреднување на сентименталноста, за која многупати сме биле сведоци дека само може да нè држи во некакви фиктивни окови, давајќи ни лажна слика дека ни е добро така како што е. Но, секогаш може подобро. Доволен е еден миг за да сфатиш дека залудни биле шансите и дека нема потреба веќе да одрекуваш. Време е да се свртиш напред и да продолжиш понатаму.

Закрепнувањето не се случува преку ноќ, но доволен е само еден миг за да се донесе правилната одлука. Нема да најдеш мир сакајќи да дофатиш нешто што не е наменето за тебе. Колку повеќе ги задржуваш покрај себе нештата што не се вклопуваат во твојот живот, толку си понесреќен, иако живееш во илузија дека ти причинуваат задоволство.

Страдањето е неизоставен дел од овој процес, но е минливо, доколку силно решиш дека нема место за него во твоето секојдневие. Затоа што кажувањето „збогум“ е само еден пресвртен миг во целиот тој процес на ослободување и обновување.

Уште денеска, поздравете се со луѓето кои не треба да се дел од вашиот живот, спакувајте ги сите предмети кои нема потреба да ги чувате и фрлете ги, прочистете си ги социјалните мрежи и немојте да се лажете дека е подобро да чувствувате страдање отколку да не чувствувате ништо. Не е така, дури и тоа ништо е нешто, што ве подготвува за нова етапа во вашиот живот.

Среќа во несреќа е што токму сега имате време да ја направите таа генералка и од оваа самоизолација да излезете како нов човек, како некој кој е подготвен на нови предизвици и отворен за нови пријателства. Додека сте живи имате обврска кон себе да не дозволувате да западнете во ограничен круг на токсични луѓе, работни средини, врски, пријателства и околина, па дури и ако тоа значи дека треба да бидете осамени неколку дена. Да, неколку дена, не доживотно.