Нема глупост шо не може да ми текне денес, уште ѓердан од макарони да си напраам!

Да зборуваме за „дежа рев“

За оние кои многу сонуваат

Феноменот „дежа ву“ веќе на сите ни е познат и тоа е она кога имаме впечаток дека нешто што се случува сега, веќе сме го имале видено некогаш во минатото. Знаеме и дека доаѓа од францускиот јазик и значи „веќе видено“ и реално, веќе не е ни којзнае каков феномен, иако нема јасни научни објаснувања зошто се случува.

Од друга страна „дежа рев“ (Déjà Rêvé) се појавува кај тие кои многу сонуваат, а соништата им се живописни и реални и се однесува на впечатокот дека нешто веќе сме го сонувале претходно. Исто така, може да го опишува и рефлектирањето на реалните настани во нашите соништа, а се случува кога во тек на спиењето и сонувањето се активираат делови од мозокот во кои се складирани спомените. Се случува и токму обратното, да препознаете реална ситуација дека претходно ја имате сонувано. Но, има ли нешто зад „прогонот“ на реалните настани во сон?

Одговорот, повторно лежи во пренесувањето на мозочните импулси и пречките кои настануваат, иако не може јасно да се каже дали луѓето навистина го сонувале тоа или само имаат впечаток дека го сонувале. Мозокот е чудна машина, некои спомени ги сецира и ги паметиме како инсерти, а други спомени ги чува во целост. Голема е веројатноста дека во ова лежи одговорот и за дежа ву и за дежа рев. Сепак, ова поле треба многу да се истражува.

Нашиот мозок, самиот по себе е феномен, бидејќи и ни го управува целото тело, но и ни прави такви бунила со спомените и соништата, што некогаш со денови не можеме да си дојдеме на себе. Многу лекарски тимови се обидуваат да ги истражат мозочните активности додека сонуваме, но тој процес може да потрае. Тешко дека постои начин да воспоставиме контрола над тоа кои спомени во кој момент ќе ни испливаат на каков и да е начин, но тоа не би требало да нè плаши бидејќи тие не се предзнак за ништо, туку само постојат и се дел од нас – а таквите појави покажуваат дека мозокот ни функционира и дека сè што сме складирале е тука некаде.