Јас сум толку бела што можам и на зајдисонце да изгорам

Дали е реална зависноста од парфеми?

Реална е!

Да не беше, немаше ни да се заинтересирам да пребарам, да се инспирирам, да напишам збор-два околу тоа, посебно што гледам дека се случува и зема замав и мислам дека не треба да се игнорира.

Зависноста од купување парфеми е подвид на зависноста од шопинг. Демек, чувам пари за да купам поубав, ама во меѓувреме зошто да не ги земам сите што се на попуст? На некого тоа му помага да се справува со стресови, да се ослободува од негативни чувства и сè е во ред додека не е претерано. А кога е претерано, станува сериозен товар и на буџетот и на просторот дома, бидејќи кој може да има простор за цела парфимерија во спална?

Многу често оваа опседнатост е прикриена со зборот „хоби“ или „колекционерство“, што држи вода, знаејќи дека тие што не трошат на парфеми, трошат на облека, козметика, книги, игри, чевли, модни додатоци, буквално на кој до што му е.

Кај некои луѓе тоа се манифестира преку сетилото за мирис. Тие преферираат мирисни дразби за да се чувствуваат убаво, исполнето, а за волја на вистината имаат и сериозно извежбан нос кој знае да препознава ноти и состојки. Со самото прскање, тие имаат налет на еуфорија благодарение на допаминот и ендорфинот. Меѓу другото тие чувствуваат и:

-Потреба да пробаат сè што е ново во парфимерија

-Неверојатно задоволство без грижа на совест за потрошените пари

-Секое ново шишенце ги прави среќни

-Собираат и мини-тестери, за секој случај

-Во екстремни случаи се задолжуваат за да купат некој нов парфем

Уште поинтересно е што во реалноста добиваат комплименти баш за тој парфем што чинеше помалку од 1000 денари во дрогерија или во каталог.

Она што меша многу брзини е трендот на собирање ретро изданија, во винтиџ верзиите, пред денешните реформулации, кои собирале прашина во некоја фиока. Никој не може да ме убеди дека се подобри од новиот купен и завиткан во целофан парфем.

Одредени фанатици имаат и друг начин на справување со ваквата зависност. Наместо да купуваат, тие се разменуваат. Кога ќе помине меракот за некој парфем, преку групи и форуми, договараат размена или препродаваат преточени примероци во помали тест-шишенца.

Оптималниот број на парфеми е по два за секоја сезона (денски и вечерен) и уште два што ви се навистина при срце. Тоа се вкупно 10. Некои луѓе имаат личен препознатлив мирис и го користат истиот цело време. А зависниците? Тие се во состојба и до продавница да одат изнамирисани со најскапиот што го имаат.

Реално, не прават ништо страшно, освен што ваквото хоби е голем товар за буџетот. Свесноста и планирањето можат многу да го олеснат целиот овој процес.