Во новата година можете да одвоите повеќе време на работа на себе. Време е да се посветите на себе и вашите потреби и доколку секогаш ги ставате потребите на другите пред вашите, ова е идеален план за вас. Работа на себе не вклучува самосожалување и тажење колку ви бил тежок животот и како сте вие жртва на истиот. Не, работа на себе е подобрување на вашите способности да се прилагодите на ситуациите и да си ги анализирате црвените линии што го двојат убавото чувство со неубавото, доколку се работи за ситуации кои можете да ги контролирате. И да се држите до вашите црвени линии. Почнете со неколку основни правила:
Редуцурајте контакт со токсични луѓе ако веќе не можете скроз да ги избришете од животот. Доколку се работи за семејство или колеги кои сакале или не, мора да ви се во околина, поставете црвени линии на контакт. Не мора да ги дружите нешто посебно или да ги слушате како нив сѐ нешто не им чини, а обично не им чини. Нивните отровчиња спакувани во гаслајтинг можете да ги избегнете ако воспоставите површен однос со нив, не споделувате ништо и најважно, не сфаќате ништо лично од нивните напади дека баш вие сте криви за нешто што нив им се случува. Нек се дружат со други токсични, нека си кукаат меѓу себе.
Не се трудете да им се допаднете на луѓето по секоја цена и не трчајте по нив. Што ви е гајле што мислат другите за вас, како да ви е битно да ги задоволите нивните критериуми. Секој човек има различни критериуми, едноставно невозможно е секому да му се допаѓате. Бидете свои, тоа делува сосема природно и спонтано. Нема зошто да барате валидизација од другите луѓе, вие ако знаете дека сте си супер за себе нивно е дали ќе им одговарате за дружба или врска или не. И доколку не им одговарате, тоа не го сфаќајте лично. Едноставно друго бараат во животот и пуштете ги да го најдат тоа што им одговара. Не се прилагодувајте на нивните барања и не глумете дека сте нешто што не сте само за да бидат со вас.
Пуштете да си оди сѐ што осеќате дека ви прави неубаво. Било да се луѓе, ситуации, проблеми или работа, не притискајте и не ги држете работите со сила ко да ќе ги поправите ако земете да ги мислите по цел ден. Ако гледате дека нешто не оди, не ви е убаво, ве прави анксиозни или едноставно гледате дека не е за вас, пуштете да си оди. Не го мислете цело време, дајте му време на времето ќе видите после некој период и дека не било толку битно. Сконцентрирајте се на нови работи, нека не ве сопнува стравот од промени. Со сила седење во место што не ве прави среќни резултира исклучиво со подолго седење на место што не ве прави среќни. Продолжете по вашиот пат.
Практикувајте да кажувате НЕ за работи кои не ви одговараат. Не бидете секогаш слободни, не се прилагодувајте на туѓите потреби во секое време, не прифаќајте работи кои знаете дека не ви одговараат само за да бидете дел од нешто.
Направете нешто што отсекогаш сте го посакувале но не му дошло време. Сакате да одите сами на викенд? Одете. Сакате да си купите третмани за слабеење ама све некои други трошоци имаат приоритет? Нека почекаат, купете си третмани. Сакате да почнете да се качувате на Водно ама немате друштво? Одете сами, ќе запознаете луѓе по пат со слични интереси како вашите. Сакате да го исклучите телефонот цел викенд? Ставете го на авионче и посветете си го викендот на себе или на кого сакате. Едноставно, направете оваа година барем една работа која што сте ја сакале ама не сте ја направиле. Немајте грижа на совест ако решите да посветите време на сами себе.
Научете да си бидете себеси најдобро друштво, не зависете од туѓото време или расположение. Луѓето околу вас не се секогаш слободни за вашите предлози, мора да сфатите дека некогаш имаат други приоритети, па макар тоа било да си читаат книга дома. Почитувајте го туѓиот простор. Од една страна луѓето си имаат свои обврски, од друга страна не треба вашите планови да зависат од туѓите обврски. Но, ако некому не му се прави тоа што вам ви се прави, не мора и вие да се откажете од планот. Одете сами и научете да се забавувате сами. Почнете со тоа што ќе си најдете активности кои не вклучуваат други луѓе. Потоа проширете да шетате негде сами. Одете сами во шопинг, одете сами во театар или кино или одете сами на кафе или ресторан. Излезете од таа глупа мисла што ќе помисли некој дека седите сами. Ќе видите дека никому не му е гајле што вие седите сами, тоа е во вашата глава дека сите тоа ќе го приметат и ќе се замараат со тоа. Научете да си бидете доволни сами на себе и не инсистирајте секогаш на друштво.
Тргнете се одма кога ќе приметите дека некој манипулира со вас. Не треба да му докажувате ништо, не се трудете да го надитрите, губење време е, сепак играте на негов терен. Бидете отворени и бидете добри луѓе, ако можете помогнете, ако не, тргнете се. Ако некој не знае ова да го цени, до него е, не е до вас.
Кажете си дека во новата година ќе се сакате себе повеќе. Простете си ги сите грешки, едноставно во некој момент така сте мислеле и така сте направиле, можеби била единствена опција. Гледајте напред, не форсирајте ништо, бидете свои и не зимајте сѐ при срце. Направете простор за нови работи, нови луѓе, нови искуства. Запознавајте се себеси секој ден што ви одговара, а што не. Седете каде што ви е убаво, одете си од каде што не ви е. Работете на себе. Мислете позитивно и гледајте ги убавите страни на нештата. Ќе видите, цела слика пред вашите очи се менува.