Македонска мотивација: Ајде има и полошо!

Вишок луѓе во животот

Дозволено е да ги отстраните

Сум зборувала многупати и никогаш нема да престанам да зборувам за тоа дека треба да си се сакате себе, дури и ако тоа значи некои личности едноставно да исчезнат од вашиот живот.

Овојпат нема да должам многу зошто е сосема во ред да сакате од некого да избегате или да не се дружите, дури ни во име на времето кое веќе сте го поминале заедно, на пример:

  1. Оние кои веќе сте ги преболеле

Не мора да се дружите, ни па да останете во каков и да е контакт доколку со некого не се согласувате веќе како порано. Секој од нас има право да си го прилагодува, зголемува или намалува кругот на пријатели и сосема е нормално со тек на време некој да изостане од него, за да се направи простор за некој нов. Ни јас, а ни вие не сме истите личности од пред 10 години, па нема зошто ни да се врзуваме со тие кругови од тогаш.

  1. Оние покрај кои се чувствувате лошо

Ако покрај некого се чувствувате како вишок, неприфатени, или пак се однесуваат кон вас без почит, слободно отидете си. Не сте должни никому ништо. Сигурно некаде околу вас постојат оние луѓе покрај кои се чувствувате удобно, со кои ви е лесно да бидете среќни, без притоа да се чувствувате дека правите нешта само затоа што тоа се очекувало од вас.

  1. Луѓе кои повредуваат други

Особено оние кои ве повредиле вас на некој начин или други личноси кои ви се битни. Имате право да им се лутите и да не сакате веќе да бидете пријатели, дури и ако не ви наштетиле вас директно. Бидејќи тоа е нивниот начин и веројатно е прашање на време кога намерно или не, ќе ве повредат вас. Не им должите ништо и нема потреба да спасувате пријателства кои се засноваат на толку недоверба.

  1. Луѓе кои се промениле

Промените се нормални, но ако некој се променил на начин на кој не ви се допаѓа, не можете да го поднесете и едноставно, не е веќе во склад со она што го очекувате, навистина не морате да останете подеднакво блиски како некогаш. Слично важи и за оние кои ве повредиле – можете да им простите и да верувате дека станале подобри личности, но штетата веќе ви ја направиле и веројатно оттогаш вие сте посреќна и поисполнета личност и сосема е океј да не ги сакате, дури и откако се промениле.

  1. Луѓето со спротивни ставови од вашите

Поинтересно е кога со некого не делите исто мислење за сè, но ако сте целосно спротивни, до степен што тоа предизвикува конфликти, тогаш повлечете се. Некои разлики се скроз небитни и може да се надминат, па дури и да ни го направат животот забавен. Но, кога нечиј начин на живот и ставови само ве изморуваат, исцрпуваат и прават да се чувствувате лошо, а притоа не покажуваат разбирање за вас, ниту пак желба за компромис, тогаш е повеќе од јасно што треба да направите.

  1. Оние кои не сакаат да контактираат со вас

Нема што тука многу да се зборува, коментира и погодува. Вие дадовте сè што може да се даде, а за возврат едвај добивате и една порака или едно кафе еднаш во неколку месеци. Не е веќе до вас, не се мачете, заминете и не си ја полнете душата со омраза кон нив.